* Што значи минатото за еден народ? Дали има иднина без минато и дали вреди минатото без иднина?
В.А. - Минатото на еден народ е исто што и лично време за поединецот: негова меморија кон која постојано се навраќа (сакал-нејќел), како што и поединецот честопати се враќа во своето детство или младост. Минатото е во свеста, и е најголемиот трезор на сите идеи, искуства, митови, симболи. Минатото е налик на сон: тоа не постои на оној начин на кој постои сегашноста, затоа што додека кажете “еве ја сегашноста”, она “еве” веќе се престорило во минато; минатото е сегашност во изминување. На минатото се сеќаваме, по него копнееме, тоа е дел и од нашата потсвест: затоа и го сонуваме и со затворени, но и со отворени очи – во историите или уметничките (симболични) дела. Минатото не дефинира: кажува кои сме врз основа на она што сме го сакале и она што сме го сториле. Минатото е нашето презиме: ни ја кажува историјата, припадноста, родот. Сегашноста пак е нашето лично име: јас сум некој само затоа што во сегашноста правам постапки кои ме определуваат. Иднината пак не постои, се додека не стане дел и од мојот план (судбината има тука рамнопавно “акции” колку и јас, но јас сепак можам да ја планирам иднината). Не е сеедно дали ќе ја планирам иднината или не: познато е дека некои луѓе од мали се стремат кон остварување на својот сон, а тоа не е ништо друго освен планирање на иднината. Таа треба да стане “сега”.
Според тоа, сите три нешта се сосема “несигурни”: како да не постојат засебно. Минатото влијае на она што го правам сега, но и на иднината; иднината пак доаѓа само врз основа на минатото и на сегашниот миг. Ако тие три се само илузија на проток на времето, тогаш тие се едно: затоа, нема иднина без минатото, како што и минатото нема да ги покаже своите вредности ако нема иднина. Нашиот народ се наоѓа во ситуација кога тоа треба да го сфати. Проблемот со името покажува дека треба вешто да го конзервираме нашето минато, но никако да го хипостазираме до таа мера што нема да ни отвори иднина. За жал, како многупати во животот - ќе мора да се направи компромис. Живееме во политички свет: тоа е свет на компромиси. Но, компромисот не мора да значи – бескарактерност или немање став. Тој значи “средно” решение кое треба практично да функционира во политички и економски цели – но тоа не значи дека треба да се откажете од она што другите го сметале за ваш радикален (екстремен) став. Кој може да ви забрани да го сонувате со отворени очи вашето минато и после компромисот? Кој може да забрани книги кои ќе го сонуваат минатото, слики, театарски претстави, музика која тоа ќе го прави?
* Минатото се повторува, како да ја препознаеме сегашноста?
В.А. - Сегашноста, за жал, има една лоша особина: нејзиното лице го гледаме дури откако таа ќе се пресели во минатото. Колку пати самите сте рекле: “Не го видов навреме тоа и тоа, погрешно изреагирав!” Но тоа го знаете дури откако сегашноста се упокоила во минатото. За сегашноста сме сите, како човечки суштества, слабо свесни: затоа постојат визионери. За мене визионери не се луѓе кои ја гледаат иднината, туку сегашноста (а се разбира, преку неа и иднината). За жал, знам многу визионери во уметноста, но не и во политиката. Не гледам моментално таква личност на нашата политичка сцена. Тоа е она што ме плаши. А уметниците и онака никој не ги слуша и есапи кога се решаваат пресудни работи за нацијата и државата.
* Дали и колку светот денес е жртва на една т.н. современа инквизиција?
В.А. - Светот и денес е една голема инквизициона сала. Барем така јас го доживувам, и резултат на тоа доживување е и мојот роман “Вештица”. Таму ја изнесов таа идеја: светот и денес се занимава со прогонување вештерки и ѓаволи, само што вештерките и ѓаволите денес се викаат поинаку – тоа се земји и личности обвинети за непослушност, “тероризам”, готвење нуклеарно оружје, земји кои одбиваат да се глобализираат и да го признаат единствениот и врховен газда на планетата. Во суштина, инквизијата е само добар начин да се пресметате со различните, со сите оние кои сакаат да бидат посебни, да не му припаѓаат на стадото, да имаат свој идентитет и посебност. Таа борба против непослушните и посебните трае од почетокот на светот до денес. Инквизицијата само најде добар изговор да ги истреби посебните – таа го чува Бога од ѓаволот, навидум ги штити “божјите” и “вечни” вредности – или, најкратко кажано, таа во името на Бога (кој и дал право да го застапува?) ги истребува сите оние кои и се “сомнителни”. Погледнете ја другата, мрачна страна на глобализацијата (која, неспорно, носи економски профит, бенефит и поврзаност на системите во еден): таа бара бришење на матичната, локална култура, во име на идното единствено цивилизациско начело. Таа агресивно бара покрај локалната македонска фреска од единаесетти век, на која се испишани словенски кирилични или глаголски букви, да се постави неонска латинична реклама на “Кока кола”. “Кока колата”, според таа диоптрија е “глобална”, а фреската локална. А предност треба да му се даде на глобалното. Јас не мислам така, и по цена да бидам обвинет дека сум “заостанат”; го сакам Интернетот, пијам “Кока Кола”, сакам достап до сите светски библиотеки, но не гледам зошто не би можел да ја почитувам и таа моја фреска како знак на мојот најсилен идентитет. Глобализацијата не значи да се избрише локалната култура. Целосно лицемерна е приказната дека ние овде сме премногу свртени кон минатото и дека од него не ја гледаме иднината – тоа ни го кажуваат обично странците – политичари кога ќе дојдат кај нас. Пробајте вие на Американците или Европјаните да им гибнете во нивното минато - ќе видите што ќе се случи. Главната пречка поради која оформувањето на една единствена Европа е токму во тоа: големите народи си ги чуваат своите култури, а од малите бараат да го заборават својот корен. Тоа е инквизиција, само софистицирана
* Борбата на богатите против сиромаштијата во светот, дали е вистинската борба?
В.А. - И тоа е уште едно големо лицемерие на денешниот свет. Како се борат богатите против сиромаштијата? Со два сомуна леб за Етиопија? Со два авиона вакцини против маларија за децата од Африка? Тоа е само одржување во живот на сиромашните, нивно вегетирање. Во суштина, богатите би требало да бидат луди за да ја искоренат сиромаштијата, затоа што тие и се богати само затоа што има сиромашни. Она што им припаѓало на сиромашните се нашло во нивните постколонијални џебови. За некој да има, треба некој да нема. Нека пробаат да го разделат своето богатство, како што правеле пророците и светците. Да видат како изгледа вистинската борба против сиромаштијата.
* Колку прогресивните сили во светот денес можат да се спротивстават на модерното ропство на народите?
В.А. - Тука сум многу песимистичен. Светот ги закопа сите револуционерни идеи за правда и еднаквост меѓу народите. За жал, нашата историска слика во овој миг е налик на оние предвидувања во аполакипсата: многу народи ќе му се поклонуваат на големиот, сатана. Многумина од нив и ќе поверуваат во него. Или, како што сурово, но точно велеше Ниче: слабите ќе им се поклонат на силните само заради храна: тоа е бедната вистина за светот. Сите големи револуции пропаднаа и не донесоа успех. Не знам што следува.
* Колку денес е исплатливо да сте на праведната страна? Колку правдата во светот е можна?
В.А. - Да биде човек денес на страна на правдата изгледа малку налудничаво. Оние кои говорат за правда ги обвинуваат дека се или непресметливи, или дека се чудаци. Во свет во кој рекламата и маркетингот се главни жанрови, во свет во кој се има своја цена, во свет во кој и луѓето стануваат предмети и самите доброволно им се продаваат на силните, служејќи за нивни цели – нема место за правдољупци. И кога има такви, често се маскирани: тоа се само профитери кои говорат за нечија лична правда, претставувајќи ја како општочовечка. Но, морална обврска на секој од нас е да се бори за правда. Тоа што нашите морални обврски денес изгледаат како незадолжително хоби – еден ден ќе претставува повод за срам пред оние кои доаѓаат. Правдата денес, со други зборови е работа на личноста и поединецот: затоа и личи на монашка работа. И додека има и еден кој се бори за неа, овој свет заслужува да живее.

Foarte interesat subiectul postat de tine, m-am uitat pe blogul tau si imi place ce am vazu am sa mai revin cu siguranta.
ReplyDeleteO zi buna!