Sunday, December 20, 2009

НИЗ КОМУНИКАЦИЈА СЕ УЧИ ПРИБЛИЖНО 100 ПАТИ ПОБРГУ!

Во постојана потрага по вистината, за начинот на кој технологијата влијае врз животот, нејзината примена, колку е таа корисна или штетна за човекот, беше добар повод да направиме еден „кус“ разговор со Проф. д-р Биљана Перчинкова, која воедно и е професор при Првиот Приватен Универзитет - Европски Универзитет Р. Македонија. Во многу моменти се запрашуваме, што можеме да направиме со информатичката наука, колку ја искористуваме, и на крајот што навистина правиме со неа за да стигнеме до нашите потребни цели? И најважното прашање, дали сме ги оствариле нашите цели!?

Каков е вашиот став за социјалните мрежи на интернетот, како што се Facebook и други?





Проф. д -р Б. Перчинкова: - Комуникацијата е крилатица денес и клучен збор на денешната технологија. Оттука социјалните мрежи како Facebook, MySpace, Twitter и други се неизбежни. Речено е дека личноста може да се ослободи од некој внатрешен набој во онаа мера во којашто е прифатена (без просудување) од друго човечко суштество. Ова е една дефиниција на комуникацијата која, ми се чини, ја одразува суштината на нашето вечно настојување најпрвин да ја откриеме, а потоа да ја манифестираме, нашата најдлабока природа. Како такви социјалните мрежи можат да одиграат позитивна улога.

Многу интересно е дека во Република Македонија Facebook е најкористениот портал, пред Google и Yahoo. Исто така неверојатен факт е дека бројот на корисници на Facebook константно се зголемува за 700 000 корисници дневно.

Јас лично на овој начин повторно пронајдов пријатели одамна заминати за Кувајт, колешка од Електротехничкиот факултет во Љубљана која е сега во САД, некогашни студенти кои се сега во Канада и сл. Овие средби радуваат. Многу студенти од Електротехничкиот факултет во Скопје и Универзитетот на Југоисточна Европа каде предавав – ми испратија многу љубезни пораки и инспиративни зборови како одбрале да работат токму во подрачјата кои им ги предавав и слично – ова поттикнува и инспирира.

Но, морам да признаам, дека комуникацијата преку социјалните мрежи е често разводнета и обременета со стилот на американската субкултура, некогаш цинична и недозволиво лична. Многу повеќе ме одушевува – кога е светската компјутерска мрежа во прашање – можноста на некое стручно прашање од науката или токму од компјутерската техника одговорот да се добие за неколку секунди, неверојатно прецизен и богат. Цели компјутерски програми (на кои порано дипломците на техничките факултети работеа по шест месеци) се добиваат буквално веднаш. Кажано е дека низ комуникација се учи „100 пати побргу“ (факторот ’приближно100’ е добиен со статистички научни методи) и ова одушевува.

Исто така кога е во прашање „комуникацијата со компјутер“, за мене барем, многу поинтересни прашања од социјалните мрежи се прашањата на вештачката интелигенција и роботиката, прашањата за границите на интелигенцијата на роботот и формалните логички системи, прашањата за свеста како онтолошка категорија во науката за кои спореа Алберт Ајнштајн и Нилс Бор, а денес Роџер Пенроуз и Стивен Хокинг и конечно – зошто да не – прашањето: „Може ли роботот да мисли?“

Да, навистина, ова се прашања за кои ние како студенти на Факултетот за информатика и како идни експерти од областа на компјутерската техника посебно се интересираме. Во програмата на Европскиот Универзитет има повеќе предмети кои се занимаваат токму со проблеми од роботиката и вештачката интелигенција. Кој е Вашиот одговор на овие прашања, може ли роботот да мисли?

Проф. д-р Б. Перчинкова: - Еден од четирите предмети кои ги предавам на Европскиот Универзитет е и Теорија на системи каде едно од клучните поглавија е токму Конзистентност и комплетност на систем – прашање со кое се занимавале најголемите логичари и математичари, а денес роботичарите и компјутерските експерти. Дали е можно да се изгради конзистентен и комплетен систем? Конзистентен – тоа значи сè што ќе произведе тој систем да е вистина, и комплетен – тоа значи да не постои вистина надвор од системот! Кога би имале ваков систем, со силата на фактот дека тој е конзистентен, одговорот што би го добиле од тој систем би бил гарантирано точен, а со силата на фактот дека тој систем (или робот!) е комплетен не би постоела вистина надвор од системот која евентуално би го негирала тој одговор. Така ние (макар роботот работел 1000 години) би добиле одговор на сите најдлабоки тајни од математиката и науката, уште повеќе би добиле одговор на сите прашања на човештвото.

Дали е ова можно? Да се изгради таков формално логичен систем, со други зборови робот? Ова ме потсетува на некои дела од научната фантастика, на Артур Кларк, Стенли Кјубрик или Филип Дик.

Проф. д-р Б. Перчинкова: - Како одговор на ова прашање генијалниот австриски логичар Курт Гедел мораше да изгради нова математика која поточно е „математика за математиката“ или „систем за системот“ и да покаже дека почнувајќи од едноставни формално-логички системи и градејќи сè посложени и посложени со цел да изградиме „совршен робот“ или „комплетен и конзистентен систем“ – конечно доаѓаме до многу софистицирани математички творби како што се „искази за исказите“ или „теореми за теоремите“. Во тие само-референтни заврзлами кои се вртоглави и крајно апстрактни како сликите на Ешер или музиката на Бах - конечно доаѓаме до една налудничава теорема, која на јазикот на типографската теорија на броеви и нашиот совршен робот ‘G’, вели за себе: „Јас не сум теорема на ‘G’...“ Таа ја негира својата сопствена теоремност! Ако е точно тоа што го вели (а мора да е точно поради конзистентноста) тогаш постои барем една вистина надвор од системот ‘G’ (тоа е самата таа!). Така нашиот совршен робот е некомплетен! (Му недостасува налудничавата теорема!) И обратно: Ако системот е комплетен, тогаш мора да е неконзистентен!

И еве сме пак древните философи како Епименидес кој бил Критјанин, а тврдел дека: „Сите Критјани лажат!“ (...Што значи дека и тој лаже дека Критјаните лажат...)

За овој доказ во рамките на предметот ни се потребни најмалку 14 часа.

Светот на симболичната логика, светот на симболичката индукција и инференција базиран на постулати, теореми, аксиоми, дефиниции и комплексни релации – е свет на највисока апстракција и креација и е стар колку и самото човештво.

Ова е многу интересно во светло на нашето претходно прашање. Значи ли тоа дека роботот не може да мисли? Уште повеќе, ако ми дозволите да зачекорам во најсложените прашања на роботиката: „Може ли роботот да развие свест?“

Проф. д-р Б. Перчинкова: - Хамероф и Пенроуз како и Хофштадтер и Чалмерс (најцитирани имиња во вештачката интелигенција) се занимаваат со овие прашања. Кога роботот, односно формално-логичкиот систем ќе стане толку софистициран и развиен што во него може да се поставуваат искази за самиот него (исказ за исказот, теорема за теоремата или можноста роботот да каже ЈАС) законот за некомплетност на Гедел го сосекува. Така за роботот останува недофатлив одговорот на древното прашање напишан на храмот на Аполон во Делфите „Gnoti seauton или „Спознај се самиот себе!“ Дали е ова крај на науката? Секако дека не. Ова само покажува дека свеста како онтолошка категорија мора да влезе во егзактната наука. А ова впрочем го покажуваат и најновите продори на квантната физика и биокибернетиката.


ИНТЕРНЕТОТ ТРЕБА САМО ДА ГО ЗАБРЗА ПРОЦЕСОТ НА УЧЕЊЕ!

Многу често се случува кај младите, одговорите на своите работни задачи да ги наоѓаат преку интернет. Дали на тој начин тие се стекнуваат со знаење? Дали го оправдувате процесот "copy/paste”?

Проф. д-р. Б. Перчинкова: - Точно е дека денес многу бргу се доаѓа до податоци и информации преку интернет и дека она за што ние патувавме во светот денес е "under our fingertips" (под врвот на прстите). Но, овие информации треба само да го забрзаат процесот на учење и да ја потстакнат нашата креативност, но никако не можат да ја заменат. "Copy/paste" постапката е само губиток на време и никако не придонесува кон нашиот личен растеж, па тогаш зошто да ја користиме? Неизбежно доаѓа време кога ќе бидеме исправени со некој проблем фронтално ’очи во очи’ и тогаш никаков ‘copy/paste’ не доаѓа предвид – само ние, нашиот личен капацитет и проблемот. Тој проблем може да биде професионален или личен. Во двата случаи ќе одлучи она што го носиме во себе – нашата интелигенција и креативност, нашата лична снага, капацитет и добра воља, нашата подготвеност да се отвориме кон другите човечки суштества и да ги прифатиме во потполност.

Ќе се сетите дека часовите по објектно-ориентирано програмирање овде на Европскиот Универзитет ги започнав со „проблемот на Ханојските кули“, проблем кој бара висок степен на апстракција и продлабочено програмерско и математичко знаење за да се разбере во потполност: програм кој се повикува сам себе повеќе пати (а секогаш со различна алокација на параметрите во меморијата), кој има огромен број на комбинации што растат експоненцијално со димензионалноста и кој конечно вклучува софистирана употреба на програмскиот код. Кај вакви проблеми "copy/paste" само може да ја зголеми конфузијата – а при решавање на личните проблеми, да ја зголеми нашата отуѓеност.

Овој принцип – секогаш да барам парадокси во науката, во компјутерската техника и кај математичките методи – го негувам отсекогаш и секогаш овој метод привлекува млади колеги кои сакаат да ја стават на проба својата апстрактна интелигенција, ја сакаат Рубиковата коцка, вечната убавина на фракталната геометрија која истовремено е и уметност или опасната (и заканувачка) убавина на креативниот хаос. Овој стремеж да се препознае вечната, неминлива убавина на најубавото во науката и уметноста го препознаваме и кај Ајнштајн, кај Нилс Бор и Шредингер, кај Гедел и Гаус, кај Хајзенберг и Фон Нојман.

Сите ние откако ќе стигнеме до некоја информација преку интернет, дали таа можеме да ја сметаме за знаење или сме ги помешале поимите? Дали информацијата е знаење?

Проф. д-р. Б. Перчинкова: - Ова е многу убаво прашање и едно од прашањата со кои се занимаваме по предметот Теорија на системи, друг предмет кој го предавам на постдипломците овде на нашиот Универзитет.

Според систем-теоретичарот Russell Ackoff човековиот ум може да се класификува во пет категории:

1. Податоци, кои се просто симболи;

2. Информации: податоци коишто се обработуваат за да бидат корисни: обезбедуваат одговори на „кој?“, „што?“, „каде?“ и „кога?“ прашањата;

3. Знаење: примена на податоците и информациите; одговара на прашањата „како?

4. Разбирање: ценење на „зошто?“

5. Мудрост: развиено (евалуирано) разбирање.

Нашиот пат како човечки битија е пат кон ова последново, мудроста, и тогаш како што пееше Џелалудин Руми:

„Зошто да се плашам?

Кога со умирање станав помалку?“

(...Бев минерал и станав растение,

Бев растение па станав животно,

Ја оставив животинската кожа и станав човек.

Сепак и човечката форма ќе морам да ја оставам

и со ангелите ќе се дружам небесни...

Од што да се бојам?

Кога со умирање станав помалку?...Руми)

Со овие убави зборови на вечниот Руми да ја завршиме и ние оваа наша размена на мисли. Ви благодарам.